Руди Фелер ќе се повлече од функцијата спортски директор на германската фудбалска репрезентација по истекот на неговиот актуелен договор, кој завршува со крајот на ЕВРО 2028. Тој ја презеде оваа улога веднаш по неуспехот на Германија на Светското првенство во Катар, кога тимот беше елиминиран уште во групната фаза.
„Договорот го продолжив двапати, но по летото 2028 ќе се повлечам“, изјави Фелер за магазинот „Штерн“, пренесува ДПА.
Во својата богата кариера, Фелер го освои Светското првенство како фудбалер во 1990 година, а последниот настап за националниот тим го имаше во четвртфиналето на СП 1994, кога Германија загуби од Бугарија со 1-2. Подоцна, како селектор, ја предводеше Германија до финалето на Мундијалот во 2002 година, каде што Панцерите беа поразени од Бразил со 0-2.
„Можеме да бидеме навистина среќни што Јулијан Нагелсман е селектор на репрезентацијата. Неговото назначување беше најдобрата одлука што ја донесов за федерацијата во последните години“, додаде Фелер.