Голманот на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, би можело да го пропушти претстојното Светско првенство доколку не биде прв избор во својот клуб, изјави директорот на германската репрезентација, Руди Фелер.
Тер Штеген ги пропушти првите четири месеци од оваа сезона поради повреда, закрепна од операција на грбот, но го загуби своето место во тимот на Барселона од Жоан Гарсија.
Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, оваа година изјави дека негов прв избор е Тер Штеген, но дека тој статус ќе мора да го задржи со редовни настапи.
Руди Фелер во интервју за магазинот „Кикер“ го повтори сличниот став.
„Не е важно дали ќе остане во Барселона или ќе замине некаде на друго место, тој мора да брани. Тогаш сите ќе бидеме среќни за него. По многу години како врвен голман во сенка на Мануел Нојер, ќе добие можност да застане меѓу стативите на Светското првенство“, изјави Фелер.
„Марк со месеци е во близок контакт со нашиот тренер на голманите, Андреас Кроненберг. Можеби ситуацијата сè уште е отворена бидејќи многу зависи од Марк-Андре и од тоа што ќе се случува со него. На Оливер Бауман засега му оди одлично, но има опции и за Марк и мораме внимателно да следиме што се случува“, додаде Фелер.
Бројни медиуми шпекулираа дека Тер Штеген би можело да замине на позајмица во јануари, но тој не сака да ја напушти Барселона.
Како што пренесуваат шпанските медиуми, тоа можеби е поврзано и со фактот дека се бори за старателство и сака да остане во Барселона за да биде поблиску до своите деца. Светското првенство ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули, а Германија ќе настапува во Групата Е, каде што нејзини противници ќе бидат Курасао, Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.

