Франција може да има два полуфиналисти во Лигата на шампионите, нешто за што земјата светски првак можеше само да сонува во изминатите години, но на Лион ќе му треба изненадување како она на Лајпциг против Атлетико кое истотака се играше на стадионот на Спортинг Лисабон.
Победникот од вечерашниот меч Манчестер сити – Лион во полуфиналето оди на моќниот Баерн Минхен, а во Лион веруваат дека може да приредат сензација.
„Размислуваме како да стигнеме до финалето. Се игра на неутрален терен, без публика, затоа фаворитите и не се во некоја голема предност, ова е наша шанса“ – изјави Марсал.
Во осминафиналето, Лион го елиминираше фаворитот Јувентус, и не случајно е меѓу осумте најдобри. Од Лион се жалеа што им беше одреден холандски судија, бидејќи ако Лион загуби, холандски Ајакс директно ќе се пласира во групната фаза од ЛШ за следната сезона.
Тренерот Руди Гарсија потсети дека во 2018 година, Лион го совлада Сити и сеќавањето на тој меч е важно за психолошката подготовка пред вечерашниот дуел.
„Ги победивме во 2018 и тоа може психолошки многу да ни помогне околу вербата. Победата над Јувентус уште повеќе ни ја зголеми самодовербата. Против Сити невозможно е да имате голем посед на топката, нив тоа им е во крвта, затоа мора да бидеме многу ефикасни кога ќе ни се укажат шанси, и да не им дозволиме да играат мирно. Сити е фаворит, ама се покажа дека не победуваат секогаш фаворитите, и ние аутсајдерите имаме шанси“ – рече Гарсија.