Карл-Хајнц Румениге, кој долги години ја кроеше трансферната политика во Баерн Минхен, повторно зборуваше за нереализираниот трансфер на Ник Волтемаде во баварскиот гигант. Тие активно преговараа за напаѓачот, но бараната отштета од Штутгарт не му се допадна на Баерн.
Од „Алијанц арената“ не беа подготвени да платат повеќе од 55 милиони евра и затоа трансферот не се реализира. Потоа Швабите го продадоа Волтемаде на Њукасл за 75 милиони евра.
Поранешниот директор е уверен дека раководството на Баерн постапило правилно што не дало толку многу пари.
„Ќе бидам искрен. Кога се појави оваа приказна со Ник Волтемаде, а потоа и барањата на Штутгарт, им реков на шефовите: ‘момци, достигнуваме суми кои веќе не можам да ги сметам за разумни’. Не треба да ги исполнуваме сите барања само за да направиме некого среќен, особено финансиските директори во Штутгарт. Можам само да ги поздравам луѓето во Штутгарт што најдоа, ќе користам наводници – ‘еден идиот’, кој плати толку многу пари затоа што ние во Минхен сигурно немаше да го сториме тоа“, изјави Румениге за германските медиуми.