10.8 C
Skopje
среда, 11 февруари 2026

Руни: Момчето што требаше да се истриже е најсреќен што Манчестер ј. не победи

Поминаа повеќе од 720 дена откако Манчестер јунајтед можеше да се пофали дека има пет победи по ред. Тој пост синоќа за малку ќе бише прекинат, но, за жал на Црвените ѓаволи, фудбалерите не успеаја и на гостувањето кај Вест хем одиграа само 1:1. Главна вест по ремито на Манчестер беше тоа дека Френк Илет, момчето кое се профилираше како најпознат навивач на Јунајтед, нема да се истриже.

Илет уште пред речиси 500 дена си даде предизвик дека ќе се стриже кога неговиот омилен клуб ќе спои пет победи по ред. Ако победеше против Вест хем, условот ќе беше исполнет и момчето ќе се истрижеше, но сега ќе мора да чека нова низа од пет победи.

Фамата околу целиот овој „циркуз“ со момчето кое треба да се истриже го налути Вејн Руни. Легендата на клубот потенцира дека целото тоа шоу околу стрижењето мора да биде заборавено, а фокусот да се стави кон играта и резултатите на екипата.

„Би го преселил на другата страна од земјата. Почна да ме нервира. Ние зборуваме за тоа Карик и Јунајтед дека се обидуваа да стигнат до петтата победа по ред, а целата работа се сведе дали момчето ќе се истриже или не. Сигурен сум дека тој ќе беше најразочаран ако Манчестер победеше затоа што во тој момент ќе станеше многу небитен“, рече Руни.

На следните пет натпревари, Манчестер јунајтед најпрво ќе гостува кај Евертон, па ќе го пречека Кристал палас, потоа ќе оди кај Њукасл, па дома со Астон вила и на крај со Борнмут на гости. Тоа би значело дека Илет нема да се стриже најмалку уште 40 дена.

- Оглас -

Најнови вести