Најдобриот стрелец на сите времиња на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, остро го критикуваше својот поранешен клуб.
Јунајтед минатата сезона заврши на 15-то место на табелата во Премиер лигата, а во тековното натпреварување го зазема 14-тото место.
„Што се случува? Ова не е Манчестер јунајтед. Не го препознавам клубот. Не гледам играчи кои се борат за победа, не гледам никаков карактер, не гледам играчи со победнички менталитет. Нема ништо што ме тера да скокнам од моето место. Влегувам во натпреварот очекувајќи тимот повторно да изгуби или можеби само да освои бод“ изјави Руни и продолжи.
„Поминав 13 години таму и она што се случува е погрешно. И патем, не е само менаџерот. Сè во клубот треба да се промени. Гледаме како персонал се отпушта по 20 или 30 години, иако беа неверојатно важни за овој клуб. Културата на клубот е уништена. Имам две деца во академијата во Манчестер јунајтед и навистина се надевам дека ова нема да влијае врз нив. Она што го гледам во овој фудбалски клуб не е Манчестер јунајтед. Клубот ја изгуби својата душа. Му треба нов живот“, вели Руни.
Со Аморим на клупата, гигантот освои само 34 бода од можни 99 на 33 лигашки меча. Руни зе обиде како тренер и немаше успеси, а не верува ни дека со актуелниот менаџер Рубен Аморим може да тргне на подобро.
„Аморим е на мои години, тој е сè уште млад тренер и сигурен сум дека има одлична иднина, но она што се случува во Манчестер јунајтед не е Манчестер јунајтед. Искрено се надевам дека тој ќе може да ги сврти работите, но ако ме прашате: „Дали верувате дека може?“ По сè што видов, искрено, не верувам“, додаде Руни во својот поткаст.