Вејн Руни распука по властите во Англија, а се чини и дека погоди во центар, особено по чудниот предлог на Државниот секретар за здравство Мат Хенкок.
Хенкок пред некој ден излезе со предлог фудбалерите да прифатат кратење на платите во екот на епидемијата со Коронавирус.
„Тој треба да и даде насоки на нацијата како да се однесува во период на голема криза. И да предложи мерки како да се справиме со кризата. А, замислете како државен секретар за здравство, тој се најде загрижен за платите на фудбалерите. Ова е очаен потег на човек што сака да привлече внимание“, изјави Руни.
По прелогот на Хенкок со сличен став излегоа и сопствениците на сите 20 клуба во Премиерлигата на состанок со челниците на Лигата, па предложено е да се разговара со фудбалерите да прифатат намалување на платите од 30 проценти.
„Јас сум во позиција да помогнам, но не се сите фудбалери во можност да прифатат 30 посто помала плата. Ќе беше многу едноставно да остават на самите играчи да донираат пари, или средства за помош. Со ваков пристап се доаѓа до принуда на некој начин“, вели Руни.
Играчот на Дерби ја критикува и Владата на својата земја за како што вели потезите со кои ги стави фудбалерите во мат позиција.
„Ќе бидам горд и веднаш без размислување ќе помогнам, но не на ваков начин. Кој знае каде ќе одат парите. Се жигосуваат фудбалерите во Англија, а многу од нив без размислување и на сопствена иницијатива помогнаа со пари и со донации“, заврши Руни.