Поранешниот капитен на Манчестер jунајтед и на англиската фудбалска репрезентација, Вејн Руни, смета дека Мохамед Салах треба да биде оставен на клупата во Ливерпул.
Египќанецот повторно не успеа да постигне гол или асистенција во поразот од Нотингам форест со 0-3. Од почетокот на сезоната, Салах има пет гола во 17 натпревари, што покажува значителен пад на неговата форма во споредба со минатите години.
„Да бев Арне Слот, би направил важна одлука за да нема негативен ефект врз останатиот дел од тимот. Салах не му помага на Ливерпул во одбраната. Ако си еден од играчите кои штотуку дошле во тимот, седиш на клупата и го гледаш како не трча во одбрана, што те тера да мислиш? Во такви моменти не е важно што тој е легенда на клубот и што многу направил за него“, рече Руни во една епизода од својот поткаст, цитиран од „Би-би-си“.
Во сезоната 2024/25 Салах стана првиот играч во историјата на Премиер лигата кој заврши на прво место и по голови и по асистенции, добивајќи ја наградата за фудбалер на сезоната. Неговата одлична форма се совпадна со доаѓањето на Арне Слот на клупата на Ливерпул, носејќи го тимот до титула во Премиер лигата. По успешните настапи, Црвените ги додадоа Флоријан Вирц, Уго Екитике и Александер Исак во офанзивната линија, но Салах останува незаменлив во стартниот состав и покрај тешкиот почеток.
Руни го истакна и трагичниот настан со фудбалерот на Црвените, Диого Жота, кој загина во сообраќајна несреќа летоска, како фактор во падот на формата на тимот.
„Тешко им е, без сомнение. Треба да се земе предвид ефектот што го имаше она што се случи со Жота. Сепак, тие се негови соиграчи. Нема како да не влијае врз нив. Но, нема изговор да не се бориш и да не помагаш во одбрана“, додаде Англичанецот.

