Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Вејн Руни, откри дека можел да му се приклучи на Реал Мадрид во 2010 година, но тој трансфер не се реализирал затоа што повеќе сакал да премине во Барселона за да игра во ист тим со Лионел Меси.
„Кога му кажав на Манчестер јунајтед во 2010 година дека не сакам да потпишам нов договор и поднесов барање за трансфер, три клуба покажаа интерес за мене. Често се зборува дека меѓу нив бил и Манчестер сити, но, искрено, оваа опција никогаш не беше разгледана. Реалните понуди пристигнаа од Челзи, Реал Мадрид и Барселона. Во тој момент бев подготвен да се преселам во Шпанија. Договорот со Реал Мадрид ми изгледаше најверојатен, но мене Барселона најмногу ми беше на ум. Замислував како можам да се вклопам во тој тим покрај Лионел Меси, Андрес Иниеста, Чави и Бускетс. На крајот решив да останам во Јунајтед, но Барселона во тоа време беше неверојатен тим и секој играч сонуваше да игра таму“, напиша Руни во својата колумна за „Би-би-си“.
Руни зборуваше и за можниот трансфер на Трент Александер-Арнолд во Реал Мадрид. Дефанзивецот на Ливерпул, чиј договор истекува налето, се очекува да премине во шпанскиот гигант како слободен играч.
„Трент има 26 години и е во клучен момент во кариерата. Или ќе остане во Ливерпул до крајот на кариерата или ќе го прифати предизвикот во Реал Мадрид. Доколку Александар-Арнолд избереше да го напушти Ливерпул и да оди во друг англиски клуб, одлуката ќе беше контроверзна, но во овој случај тоа е Реал Мадрид, клуб со огромен престиж и историја. Играчите ретко му велат не на Реал. Секако, Ливерпул е тимот на неговото срце и разделбата нема да биде лесна, но понекогаш фудбалските кариери бараат тешки одлуки“, додаде поранешниот англиски репрезентативец.