Од сите најголеми спортски организации во Европа, кошаркарската ФИБА Европа е последна која реши да воведе санкции кон Русија и Белорусија. Клубовите од овие две земји добија забрана за настап на сите натпреварувања кои се под „капата“ на ФИБА Европа.
Освен санкциите на клупско ниво, најавите се дека Европската кошаркарска федерација на саботниот состанок во Вилнус ќе ја исклучи Русија од Европското првенство кое ќе биде од 1 до 18 септември, а домаќини се дури четири земји (Чешка, Грузија, Италија и Германија).
Доколку Русија биде исклучена од ЕП, Црногорците очекуваат тие да добијат повик и да бидат дел од континенталното натпреварување. Црногорскиот вијести.ме пишува дека правилата велат ако една репрезентација не може да настапи на некое првенство, нејзиното место го зазема екипата која имала најдобар скор, а не успеала да се квалификува.
Црна Гора беше единствената репрезентација која имаше три победи во квалификациите, а не успеа да обезбеди место на ЕП 2022.