Русите се погласни околу идејата да се преселат во фудбалска Азија

Русија размислува да ја напушти Европската фудбалска федерација (УЕФА) и да се пресели во Азија. Оваа идеја на Русите е веќе неколку месеци, а сега се интензивира, откако веќе девет месеци Фудбалската федерација на оваа земја е суспендирана од УЕФА и ФИФА.

Поради овие суспензии, Русија немаше шанса да игра на Светското првенство во Катар, а и екипите од оваа земја немаат дозвола за настап на континенталните клупски натпреварувања, како што се Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига на УЕФА.

„Иако пред неколку месеци реков дека идејата да се размислува за преселба во Азија е прерана, сега верувам дека мора да размислуваме и за таа опција“, рече претседателот на Руската фудбалска федерација, Александар Џуков.

Оваа изјава на првиот човек на рускиот фудбал ја пренесоа сите светски медиуми, меѓу кои и францускиот Лекип“. Суспензијата не само на рускиот фудбал, туку и на целиот руски спорт дојде по агресијата која Русија ја започна врз Украина во февруари оваа година.

 

- Оглас -

Најнови вести