Рускиот тенисер Александер Шевченко во иднина на турнирите ќе настапува под знамето на Казахстан. Шевченко реши да го промени државјанството поради војната во Украина и санкциите што ги трпат руските спортисти.
„Поздрав до сите. Само сакав да ви кажам дека од следната недела на терените ќе го претставувам Казахстан. Горд сум и едвај чекам да се појавам на терен и да остварам моменти за памтење како за мене, така и за државата“, напиша Шевченко на социјалните мрежи.
Шевченко објасни дека веќе долго време не бил во Русија и дека живее во Виена. Тој е само еден од многуте руски спортисти кој се одлучуваат да побараат казахстански пасош за да може без никакви проблеми да ги продолжат своите кариери.
„Минатата година добивме повеќе од 100 такви барања“, откри потпретседателот на Тениската федерација на Казахстан, Јуриј Полски.