Карло Анчелоти, сепак, повторно е во преговори со раководството на фудбалската репрезентација на Бразил, потврдија два анонимни извори од Бразилската фудбалска конфедерација (ЦБФ).
Претседателот на ЦБФ, Едналдо Родригеш, и директорот на репрезентацијата, Родриго Каетано, се директно вклучени во разговорите со искусниот италијански стратег.
Бразил е без селектор од 28 март, кога Доривал Жуниор доби отказ само три дена по катастрофалниот пораз од Аргентина (1-4) во Буенос Аирес.
Иако пред неколку дена шпанската „Марка“ објави дека Анчелоти ги прекинал преговорите со Бразил поради интерес од Саудиска Арабија, најновите информации укажуваат дека конечна одлука сѐ уште не е донесена.
Од Бразил посочуваат дека се надеваат на позитивен исход и дека би можеле да го претстават новиот селектор пред 20-ти мај – датумот кога треба да се објави списокот за квалификациските натпревари за СП 2026, кои се играат во јуни.