Сабаленка обезбеди полуфинале и на третиот годинешен гренслем-турнир

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка обезбеди пласман во полуфиналето на Вимблдон откако во четвртфиналната пресметка со Американката Медисон Кис славеше во два сета. Сабаленка за 89 минути игра на теренот број 1 во Вимблдон славеше со 6:2,6:4.

Со триумфот, Сабаленка обезбеди пласман во полуфиналето и на третиот годинешен гренслем-турнир, на Отвореното првенство на Австралија ја освои титулата, а на Ролан Гарос загуби во полуфиналето. Таа стана првата тенисерка по Серена Вилијамс од 2016 година која играла во полуфиналето на првите три гренслем-турнири.

Во првиот сет, втората светска тенисерка направи два брејка, во првиот и во петтиот гем, и за 39 минути игра славеше со 6:2.

Во вториот сет, Американката беше прва која го зададе ударот, ѝ го одзеде сервисот на Сабаленка во шестиот гем и поведе со 2:4. Одговорот на Сабаленка дојде експресно, направи серија од 4:0 и го доби сетот со 6:4, што значеше пласман во полуфиналето.
Сабаленка во полуфиналето ќе игра со подобрата од дуелот Онс Жабер – Елена Рибакина.

- Оглас -

Најнови вести