Најдобрата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, по голема борба и пресврт ја совлада Елена Рибакина во финалето на турнирот Индијан Велс со 2-1 во сетови (3-6, 6-3, 7-6). Мечот траеше два часа и 34 минути.
Со овој триумф Сабаленка ја прекина серијата од две последовни победи на својата голема пријателка во меѓусебните финалиња, откако Рибакина претходно славеше во Ријад и во Мелбурн.
Дуелот не започна најдобро за Белорусинката. Во првиот сет Рибакина успеа да го наметне својот ритам и во шестиот гем ја искористи единствената брејк-топка, одземајќи ѝ го сервисот на противничката. Тенисерката од Казахстан потоа сигурно ја задржа предноста и го доби сетот со 6-3.
Вториот сет донесе многу повеќе возбудувања. Рибакина повторно направи брејк на стартот, но Сабаленка експресно возврати и со серија од четири последовни гема направи пресврт. Во тој период двапати ѝ го одзеде сервисот на ривалката и целосно ја презеде контролата, освојувајќи го сетот со 6-3.
Во решавачкиот трет сет Сабаленка изгледаше посигурно и направи брејк во третиот гем. Таа имаше одлична шанса да го заврши мечот при водство од 5-4 кога сервираше за победа, но Рибакина успеа да стигне до 15-40 и веднаш врати брејк.
Драмата кулминираше во тај-брејк. По 3-3, Рибакина направи мини-брејк и поведе со 5-3, но Сабаленка брзо возврати. Казахстанката потоа стигна и до меч-топка на свој сервис, но не ја искористи шансата.
Во самата завршница Сабаленка освои мини-брејк и стигна до меч-топка при резултат 7-6 во тај-брејкот, која веднаш ја реализираше за голем триумф и титула во Индијан Велс.

