Сабота беше лош ден за почеток на новите прволигаши (Видео)

Сабота беше лош ден за три екипи кои се нови во најсилните лиги на Англија и на Шпанија и имаа старт во елитата со порази.

Кадис последен имаше шанса да го поправи впечатокот, но не успеа да и се спротивстави на Осасуна и загуби вечерва со 0:2 на домашен терен, во првиот меч што го играше во Ла Лига од 1993 година.

Адријан и Гарсија беа стрелци за гостите кои победија полесно од очекувањата против новиот прволигаш.

Претходно Фулам ја започна авантурата на новите три прволигаши што денеска ги играа првите мечеви во новата сезона. За нив пресилен беше Арсенал, кој мина лесно на „Крејвен Котиџ“ и славеше со 3.0 со головите на Лаказет, на Габриел и на Обамејанг.

Лидс одигра најдобро од триото, иако имаше и најтежок противник. Новиот премиерлигаш од Јоркшир во првиот меч во Премиерлигата по пауза од 16 години загуби од Ливерпул со 4:3 на „Енфилд роуд“.

Во одличен меч Лидс постојано беше во негатива, но успеваше трипати да израмни против актуелниот англиски првак, а бодот на Алиоски и соиграчите им побегна во финишот, кога стрелецот на три гола Мо Салах погоди од белата точка во 86. минута за триумф на фаворитот од 4:3.

Утре Вест Бромвич Албион ќе означи кам-бек во Премиерлигата со дуел на свој терен против Лестер од 15 часот, а прв меч по враќањето во Ла Лига ја очекува и Уеска, против Вилјареал на гости од 18.30 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести