„Сагата Мбапе“ не е завршена, тој најавил обраќање по мечот со Ленс в сабота

Иако во моментов тоа не делува реално, сепак има информации дека Килијан Мбапе може уште летово да го напушти Пари Сен Жермен и да се пресели во Реал Мадрид.

Од Реал летово немаат мрднато со прст по ова прашање, наводно чекаат да го земат Мбапе следното лето, кога тој ќе биде слободен, но не е исклучено во финишот на преодниот рок сепак да испратат понуда до ПСЖ и овој мегатрансфер да стане реалност.

Светците бараат 250 милиони евра, но ризикуваат следното лето без отштета да останат без својата суперѕвезда. Реал би почекал до 2024, но така ризикува Мбапе во текот на сезонава да го продолжи договорот со ПСЖ и Кралевите така можеби засекогаш ќе останат без напаѓачот кој долго време го посакуваат во своите редови.

Не е потврдено, но се најавува интервју или обраќање на Мбапе по мечот со Ленс, на кое веројатно ќе открие малку повеќе за својата иднина. Покрај тоа, тоа што Мбапе не беше избран за прв капитен на ПСЖ, може да биде сигнал дека нема иднина за него во тимот.

Сево ова отвора простор за гласини дека Мбапе в сабота вечер можеби ќе го одигра својот последен меч за ПСЖ и дека против Ленс ќе се прости од фановите на „Паркот на принцовите“.

- Оглас -

Најнови вести