Репрезентацијата на Португалија се погрижи за нова сензација на Европското ракометно првенство во Германија откако ја совлада Норвешка со 37-32 на стартот од втората фаза и ја остави речиси без шанси за пласман во полуфиналето.
Скандинавците одлично го отворија мечот и постојано беа во водство сè до 13-11 во втората половина на првото полувреме, кога Португалија со серија од 6-0 ги презеде конците во свои раце и дојде до убедлива предност од +4 голови.
Португалците на полувремето заминаа со предност од 18-15, а нивното водство беше постојано и во второто полувреме, за во пеколен финиш да успеат да дојдат до голема победа над фаворизираниот противник.
Портела со осум погодоци беше најефикасен во победничкиот состав, додека Коста додаде седум за Португалците. Сагосен комплетно потфрли и мечот го заврши само со два погодока, додека најпрецизен во редовите на Норвешка беше Блонц со седум погодоци.