Сајнц молеше како никогаш досега: Те молам, те молам, те молам нека почекаат (Видео)

Возачите на Ферари беа најголемите губитници на денешната трка за Големата награда на Австралија. Шарл Леклер и Карлос Сајнц останаа без бодови, во трката која на крајот ја завршија само 12 возачи.

Леклер уште на самиот старт излета од патеката и го заврши настапот, но начинот на кој Сајнц остана без бодови е навистина болен. Шпанскиот возач стартуваше од петото место, а на три круга до крајот беше на четвртото место.

Тогаш имаше едно излетување, па организаторот реши да покаже црвено знаме и да ја прекине трката. Требаше да се исчистат металните делови од болидот кој излета, па сите оние кои останаа во трката, беа подготвени за нов старт.

На стартот на само два круга до крајот се случи вистински хаос. Многу болиди се судрија или излегоа надвор од патеката, па трката веднаш повторно беше прекината. Организаторите решија дека најголем виновник за целиот хаос кој може да го видите ТУКА, е токму Сајнц. Возачот на Ферари заработи пет секунди казна, што едноставно беше сурова казна, ако се знае дека во последниот круг болидите влегоа предводени од сигурносното возило, па Сајнц кој во целта влезе како четвртопласиран, поради казната од пет секунди, на крајот заврши како последен, односно на 12-тото место.

Пред да биде извозен последниот круг, Сајнц ја слушна казната која ја доби и беше многу разочаран. Преку тимското радио тој едноставно молеше да не се избрзува и да може да објасни шшто се случило и да не добие казна, но тоа не се случи.

„Не, не може ова да се случи. Не, не. Тоа е неприфатливо. Кажи им да почекаат. мораат да почекаат трката да заврши. Не, те молам… Те молам, те молам, те молам. Јасно е дека оваа казна е незаслужена, престрога е“, разочарано коментираше Сајнц кога ја слушна одлуката да биде казнет.

- Оглас -

Најнови вести