3.8 C
Skopje
петок, 26 декември 2025

Салах донесе нов триумф за Египет

Фудбалерите на Египет го победија тимот на Јужна Африка со 1-0 во Агадир, во натпреварот од второто коло на групата Б на Африканскиот куп на нации.

Фараоните повторно имаа проблеми да ја оправдаат улогата на фаворит, но по победата над Зимбабве, успеаа да го надиграат и тимот на Јужна Африка, кој имаше играч повеќе во целото второ полувреме.

Почетокот на натпреварот не донесе многу возбудувања, првата шанса се појави кога Мармуш шутираше покрај голот на Јужна Африка.

Сè укажуваше дека првото полувреме ќе заврши без промена на резултатот, се додека во 43-тата минута Мудау несмасно го удри Салах во својот казнен простор. Судија Ендабихавенијамана го чекаше сигналот од ВАР-собата и досуди пенал за Египет.

Напаѓачот на Ливерпул беше сигурен од белата точка во 45-тата минута, постигнувајќи гол со „паненка“. Меѓутоа, радоста на тимот на Хосам Хасан не траеше долго, бидејќи Мохамед Хани заработи исклучување во последните моменти од првото полувреме.

Второто полувреме протече со теренска, но неуспешна иницијатива на Јужна Африка. Африканците се закануваа преку Мокоене, Мудау и подоцна Модиба, но ударите им беа лесно сопрени од Ел Шенави. Голманот на Ал-Ахли се истакна и во продолжението, кога навремено реагираше пред Мудау и го спречи да има стопроцентна шанса по корнер.

Големи контроверзи ќе предизвика одлуката на судијата од Бурунди да не досуди пенал за Јужна Африка, и покрај тоа што топката го удри во рака Ибрахим во казнениот простор на Египет. На крајот, Египет се извлече и забележа победа која, со шест освоени поени од првите две кола, го води во следната рунда на АКН.

- Оглас -

Најнови вести