Ливерпул после 30-годишна суша без титула во англиското фудбалско првенство, сезонава беше на пат да ја освои Премиерлигата, но корона-вирусот рече стоп, барем засега. Во Ливерпул одвај ја чекаа оваа радост, а сега славјето ќе им биде поматено, во најцрното сценарио дури може да се случи и повторно ќе останат без трофејот.
Ѕвездата на Црвените, 27-годишниот Египќанец Мохамед Салах, веќе имал искуство со прерано завршување на сезона во првенство во кое што играл. Во февруари 2012 година, 74 луѓе починаа, а околу 1.000 беа повредени за време на нападот на хулигани во Порт Саид. После тој инцидент, египетското првенство беше прекинато и две години не се играше, а 11 хулигани беа осудени на смрт.
Тогаш Салах имаше 19 години и играше за Ал Мокаулун, и благодарение на откажувањето на лигата, клубот остана во прва лига, иако беше во тешка ситуација. Салах си замина од родната земја.
„Поништувањето на таа сезона беше добра работа за Салах лично, и за нашиот клуб. Неговиот талент ќе беше во опасност ако тимот испаднеше во втора лига. Ако и оваа сезона се поништи, тој ќе се чувствува како да е проколнат. Ќе биде психички уништен ако не ја освои титулата“ – вели тогашниот капитен на Ал Мокаулун, Мохамед Ел Акабави.