Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, конечно објасни зошто Мохамед Салах не одигра ниту минута во поразот од ПСЖ (2:0) во првиот четвртфинален меч од Лига на шампиони.
Египетската ѕвезда го гледаше целиот меч на „Паркот на принцовите“ од клупата за резерви, а Ливерпул одигра блед натпревар без вистинска офанзивна закана.
Слот јасно стави до знаење – одлуката била чисто тактичка.
„Во последните минути тоа за нас беше преживување, а не напад. Немавме реална шанса да постигнеме гол. Последните 20-25 минути само се браневме“, објасни Холанѓанецот.
Иако ваквиот потег изненади многумина, стратегот на „црвените“ смета дека го заштитил својот најдобар офанзивец.
„Мо има огромен квалитет, но не мислам дека беше добро за него да мине 20-25 минути бранејќи се во сопствениот шеснаесетник. Сакавме да му ја зачуваме енергијата за натпреварите што следуваат.“
Салах минува низ тешка сезона и веќе најави дека на крајот од истата ќе го напушти клубот, па очигледно Слот внимателно го „дозира“.
Од доаѓањето на Салах во 2017 година, ова беше само втор натпревар во нокаут-фазата на ЛШ што го пропуштил. Првиот беше легендарниот реванш против Барселона во 2019, кога Ливерпул направи чудо со победа од 4:0 и се пласираше понатаму.

