Ѕвездата на Ливерпул, Мохамед Салах, во интервју за „Франс фудбал“ изјави дека Лучано Спалети е најдобриот тренер кој го имал во кариерата.
Со оваа изјава Салах изненади многумина бидејќи се веруваше дека најголем придонес за неговиот напредок во кариерата имаше Јирген Клоп, под чие водство стана еден од најдобрите на светот.
Спалети му беше тренер на Салах во Рома.
„Многу напредував со него, и технички и ментално. Тој ми даде шанса да го покажам талентот и да напредувам“, изјави Салах, кој во дресот на Рома со Спалети како тренер на 62 настапи имаше 28 гола и 20 асистенции, по што во 2017 се пресели во Ливерпул за 42 милиони евра.
Разговорот на Салах за француското списание донесе и други сознанија, како на пример дека Египќанецот се смета себеси за најголемиот африкански фудбалер на сите времиња.
„Имаше многу добри фудбалери од Африка, би можел да ги кажам Жорж Веа, Дидие Дрогба и Самуел Ето, но, да, се сметам себеси за најдобар африкански играч на сите времиња“, изјави Мо, кој за најдобар дефанзивец со кој се соочил го издвои Серхио Рамос, додека за најголема победа ја смета онаа во финалето на Лигата на шампионите.