Во првиот меч за Ливерпул по паузата која беше поради Светското првенство, Мохамед Салах направи подвиг кој досега му успеало само на легендарниот Стивен Џерард. На гостувањето во Бирминган кај Астон вила, Ливерпул по првото полувреме имаше убава предност од 2:0 благодарение на головите на Салах и Ван Дајк.
На погодокот на Ван Дајк асистираше токму Салах и тоа беше 50-та асистенција за египетскиот репрезентативец. Со биланс од 125 погодоци и 50 асистенции, Салах е само вториот играч во историјата на Ливерпул со 100+ погодоци и 50+ асистенции. Џерард во дресот на Ливерпул имаше 120 погодоци и дури 92 асистенции.
Освен Салах, на овој дуел историска асистенција имаше и Ендрју Робертсон. Бекот на Ливерпул стигна до 54-та асистенција за погодок и е дефанзивецот со најмногу додавања за гол во историјата на Премиер лигата, надминувајќи го рекордот на Лејтон Бејнс, кој имаше 53 асистенции.