Ливерпул со 1:0 го совлада Манчестер сити во дербито од 11-тото коло во Премиер лигата.
Човек на одлука беше Мохамед Салах, кој конечно постигна гол во Премиер лигата, и тоа против шампионот. Салах голот вреден три бода го постигна во 76-тата минута, откако претходно во 51-вата минута од идентични напад и позиција беше непрецизен.
Во одлучувачкиот момент, голманот на Ливерпул, Алисон, ја исфрли топката, дефанзивецот на Сити, Жоао Кансело, несмасно реагираше и му дозволи на Салах сам да излезе пред голманот Едерсон и овој пат да го совлада.
Liverpool 1-0 Manchester City
Goal Mo Salah. pic.twitter.com/BVcfph913n
— Fast GøaIs. (@iF29s) October 16, 2022
Манчестер сити беше подобар тим во првото полувреме, кога со кратки и брзи додавања го диктираше ритамот, а имаше и одлична шанса преку Халанд да постигне гол. Но, ударот на Норвежанецот во 40-тата минута го одбрани Алисон. Во второто полувреме, првата шанса ја имаше Салах, кога во 51-вата минута излезе сам пред голот на Граѓаните, но Едерсон го одбрани неговиот шут.
Само две минути подоцна, Сити постигна гол преку Фил Фоден, но по консултација со ВАР-собата и по прегледување на снимката, судијата Ентони Тејлор го поништи голот поради прекршок.
Тоа што го промаши во 51-вата минута, египетскиот репрезентативец го реализира во 76-тата минута, кога од идентична ситуација овојпат го совлада Едерсон и му донесе голема победа на Ливерпул.
До крајот, иако Сити се обидуваше да дојде до израмнување, одбраната на Ливерпул беше на висина на задачата и ја сочува сопствената мрежа за голема победа.
Поразот во дербито за Сити исто така значеше и крај на серијата од 21 натпревар во Премиер лигата без пораз и која започна минатата сезона. Ерлинг Халанд, пак, само по вторпат сезонава во Премиер лигата не успеа да постигне гол пред Ливерпул, тоа не му успеа само против Борнмут.
Ливерпул се искачи на осмата позиција на табелата со 13 бода, додека Манчестер сити остана втор со 23 бода, четири помалку од лидерот Арсенал.