Утревечер (21 часот) Ливерпул гостува кај Манчестер јунајтед во големото дерби предвидено да се одигра во рамките од третото коло во Премиер лигата. Двете екипи не тргнаа најдобро во сезоната, Црвените имаат само два бода по два меча, Јунајтед два порази, па се очекува голема битка во обидот да се освојат првите три бода.
Тоа го знае и Мохамед Салах, првата ѕвезда на Ливерпул, кој пред дуелот посочи дека не очекува лесна победа како што беше во ланската сезона, кога тимот на Клоп славеше со високи 5-0 на „Олд трафорд“.
„Без разлика на ситуацијата, Манчестер јунајтед е голем клуб и не смее да се отпише. Имаат врвни фудбалери во тимот кои може да ја направата разликата на теренот. Не ја започнаа најдобро сезоната, но и ние не сме за фалење, па затоа очекувам од Јунајтед да се бори за победа. Едно е сигурно, ќе биде многу, многу тежок натпревар“, вели Салах.
Сепак се поставува прашањето каква ќе биде атмосферата на „Театарот од соништата“. Навивачите најавија бојкот на дербито и празни трибини, други пак се заканија со правење нереди пред стадионот.
Лани имаше слични нереди токму пред ова дерби, на теренот влетаа неколку десетици навивачи, па дуелот мораше да се одложи. Потоа Ливерпул си приреди шоу на гостинскиот терен со пет парчиња во мрежата на Де Хеа.