Додека фудбалскиот свет во понеделникот вечерта беше фокусиран на доделувањето на Златната топка на Лионел Меси, во Монте Карло имаше доделување на уште едно значајно признание, за кое мал број фудбалери може да се пофалат дека го имаат освоено.
Наградата Златно стапало оваа година ја освои Мохамед Салах, кој стана само 19-ти фудбалер со ова престижно признание. Златното стапало е награда која се доделува на фудбалери за постигнувањата на теренот, но и надвор од него. Таа награда наликува на наградата за животно дело, затоа што може да се освои само еднаш во кариерата, а секој добитник мора да има најмалку 28 години и уште да е активен на фудбалскиот терен.
Интересно е што Лионел Меси уште ја нема освоено оваа награда, која започна да се доделува во 2002 година. Добитникот на Златно стапало остава отисок од своето стапало на улицата „Champions promenade“, која е пандан на тоа што го прават ѕвездите во Холивуд во САД.
Со освојувањето на Златно стапало, Салах влезе во одбрано друштво во кое се: Роберто Баџо, Павел Недвед, Андриј Шевченко, Роналдо Назарио, Алесандро дел Пјеро, Роберто Карлос, Роналдињо, Франческо Тоти, Рајан Гигс, Златан Ибрахимовиќ, Дидие Дрогба, Андрес Иниеста, Самуел Ето, Џанлуиџи Буфон, Икер Касилјас, Едисон Кавани, Лука Модриќ и Кристијано Роналдо.