Мохамед Салах објасни зошто освоената титула во Премиер лигата оваа сезона 2024/25 е посебна за него во споредба со претходниот триумф под водство на Јирген Клоп.
Египетската ѕвезда постигна гол при убедливата победа од 5-1 против Тотенхем, со која Ливерпул официјално ја обезбеди 20-тата титула. Салах досега има вкупно 46 голови и асистенции оваа сезона и се искачи на петтото место на вечната листа на стрелци во Премиер лигата, надминувајќи го Серхио Агуеро.
Иако беше една од клучните фигури и при триумфот на Ливерпул во 2020 година, Салах откри дека оваа титула има уште поголемо значење за него бидејќи е освоена со нов тренер и обновен состав.
„Неверојатно е. Да се освои Премиер лигата и да имаш ваков придонес е нешто посебно. За мене оваа титула е уште поспецијална. Јирген Клоп веќе не е тука, многу играчи кои ги почитував, исто така, заминаа, но да го постигнеме ова со нов менаџер и нов тим покажува на што сме способни“, изјави Салах.
Египќанецот е еден од седумтемина фудбалери на Ливерпул кои имаат освоено две титули во Премиер лигата со клубот, заедно со Алисон Бекер, Вирџил ван Дајк, Џо Гомез, Енди Робертсон, Трент Александер-Арнолд и Кертис Џонс.
Египетскиот ас неодамна потпиша нов договор со Црвените и ќе биде дел од тимот и следната сезона, кога Ливерпул ќе се обиде да ја одбрани титулата. До крајот на актуелната сезона во Англија за тимот остануваат уште четири натпревари, а првиот е гостување против Челзи за време на следниот викенд.