Мохамед Салах на последните три меча на Ливерпул во Премиер лигата одигра вкупно само 45 минути (второто полувреме против Сандерленд) и јавно призна дека е многу незадоволен, и се чувствува предаден од клубот кој го сака.
Човекот кој има постигнато 250 гола на 420 настапи за Ливерпул, даде интервју во кое упати отровни стрели кон клубот.
„Ова ми се случува прв пат. Мислам дека е многу јасно оти некој сака јас да ја имам целата вина. Имав добар однос со менаџерот, а одеднаш немаме, не знам зошто. Изгледа клубот ме фрла под автобус, така се чувствувам. Секогаш ќе го сакам клубот, но оваа ситуација е неприфатлива за мене. Не разбирам зошто сум на клупа. Не мислам дека јас сум проблемот. Многу имам направено за клубот, не мора да се борам секој ден за мојата позиција, имам направено доволно. Клубот летоска ми ветуваше многу, но ништо од тие ветувања, треба да си стојат на зборот“, рече 33-годишниот Салах кој минатата сезона даде 29 гола и беше клучен човек во освојувањето на Премиер лигата, а засега сезонава има 4 гола на 13 меча.
Но, летоска клубот купи неколку напаѓачи, а Ливерпул има слаби резултати. Има шпекулации дека саудиски Ал-Хилал сакаат да го купат Салах кој во април потпиша нов двегодишен договор со Ливерпул. Мо наскоро треба да го напушти Ливерпул и околу еден месец да биде со својата репрезентација на Африканскиот куп на нации.

После ремито 3-3 против Лидс, менаџерот Арне Слот објасни зошто го оставил Салах на клупа цел меч.
„Ни требаше контрола на мечот, не гол. Нормално кога ни треба гол го ставам во игра, како минатата недела со Сандерленд“, рече Слот.

