Фудбалерот на Ливерпул, Мохамед Салах, изјави дека сака да ја освои Златната топка за својот египетски народ.
Салах е еден од фаворитите за освојување на признанието за најдобар фудбалер откако сезонава постигна 34 гола на 52 натпревари во сите натпреварувања. Со 22 гола во лигата, тој му помогна на Ливерпул да ја освои титулата во Премиер лигата и беше прв стрелец во најсилната лига.
„Ако ја освојам, ќе биде одлично. А, и ако не ја освојам, мислам дека мојата кариера ќе биде многу добра. Но, таа слика ми е во главата, секогаш. Сакам да ја освојам наградата за мојот народ. Тоа нешто ми е секогаш во мислите“, изјави Салах за „Франс фудбал“, кој заедно со УЕФА го прават изборот во кој гласаат новинари.
Првиот и единствен играч на Ливерпул што ја освои „Златната топка“ беше Мајкл Овен во 2001 година.
Салах порасна играјќи фудбал со својот брат во египетското село Нагриг.
„Не размислував за тоа кога бев млад бидејќи кога играш на улица во Египет, не се гледаш себеси како освојувач на Златната топка. Неколку играчи го освоија тој трофеј во своите 30-ти години, па којзнае? Следната сезона изгледа дека ќе ми биде возбудлива со нашата одбрана на титулата во Премиер лигата и настапите во Лигата на шампионите, Африканското првенство и Светското првенство “, додаде Салах.
Според обложувалниците, најголеми шанси за освојување на Златната топка му се даваат на играчот на Пари Сен Жермен, Усман Дембеле. Меѓу сериозните кандидати се и неговиот соиграч Витиња, како и Ламин Јамал и Рафиња од Барселона. Престижниот трофеј ќе биде доделен на 22 септември.