Целосната реконструкција на салата „Расадник“ во Кисела Вода е во завршна фаза, а според фотографиите објавени од градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која денеска направи увид заедно со министерот за спорт, Борко Ристовски, салата од надвор нема да биде целосно сина како порано, туку ќе има и црвено-црни бои кои асоцираат на спортскиот клуб Вардар.

Оваа култна сала со години беше оставена во руинирана состојба, а лани почна реконструкцијата и најавите се дека до крајот на годинава ќе биде готова надворешноста, додека внатрешното партерно уредување ќе биде завршено во текот на следната година.

Најавите се дека ракометниот клуб Вардар тука ќе ги игра домашните лигашки натпревари, а европските дуели и поголемите дербија за кои има поголем интерес, ќе продолжи да ги игра во „Јане Сандански“ која има поголем капацитет.


