Салдања официјално во Ференцварош, жали за начинот на којшто се разделил со Партизан

Бразилецот Матеус Салдања е нов член на 35-кратниот унгарски првак Ференцварош. Салдања дојде од белградскиот Партизан и минатата сезона беше прв стрелец во српската Суперлига.

Иако не ја прецизирана висината на обештетувањето, унгарскиот шампион треба да му плати на Партизан 4.000.000 евра и бонуси за трансферот на Салдања, со што ќе стане убедливо најскапиот играч во историјата на унгарскиот фудбал.

Салдања одигра вкупно 40 натпревари во црно-белиот дрес и постигна 21 гол. Тој се обрати до фановите на Партизан преку „Инстаграм“.

„Сакам да се заблагодарам за сè што поминавме заедно, за сè што направивте за да ме направите професионалец и личност што сум денес. Поминавме низ многу добри времиња, но тоа не беше доволно за да создадеме нешто вечно.

Се надевам дека еден ден ќе можам да се вратам и повторно да ги живеам тие моменти.

Не заминувам онака како што замислував и посакував, но беше потребно, иако имав други чувства… Клубот донесе други одлуки, а некои не беа успешни, особено во однос на мене како играч.

Се надевам дека никогаш нема да ме заборавите затоа што јас никогаш нема да ве заборавам!

Кога имаш дијамант, правиш сè за да го заштитиш и да блесне уште посилно“, се вели во објавата на Салдања.

 

- Оглас -

Најнови вести