Јанг бојс го победи Галатасарај со 3-2 во најинтересниот вечерашен меч од плејофот за влез во Лигата на шампионите во фудбал.
Швајцарскиот тим водеше со 2-0, Турците со голови на Батшуаи израмнија на 2-2, но во финишот Бардакчи направи пенал, притоа заработи и втор жолт картон, по што беше исклучен, а Јанг бојс со прецизен удар од белата точка дојде до минимална предност со која ќе патува на пеколниот реванш во Истанбул.
Спарта Прага како гостин го совлада Малме со 2-0 и се наоѓа на чекор од пласман во групната фаза на ЛШ, а тоа важи и за Салцбург, кој со 2-0 славеше на гости кај Динамо Киев. Освен Чешка, шанса за да има клуб во ЛШ има и Словачка, Слован Братислава одигра 1-1 на гости кај Митјиланд, па тимот кој ја елиминира Струга Трим Лум има добра прилика да стане дел од европската елита.