Каталонскиот весник „Ел Мундо депортиво“ објави резултати од анкетата која била направена меѓу фановите на Барселона, а според резултатите, навивачите се поделени околу останувањето на Лионел Меси во клубот.
Само 14,5 отсто сметаат дека новиот претседател на Барса мора по секоја цена да го задржи Аргентинецот. За останување на Меси се и 37,7 проценти од испитаниците, но под услов Лео да прифати помала плата од сегашната. Ова значи дека 52,3 отсто позитивно се изјаснија за останување на најдобриот играч во историјата на клубот.
Меси на 1 јули станува слободен играч и ќе може да си замине од клубот во кој ја мина целата досегашна кариера. Тој летоска ја информираше Барса дека сака да си замине, но не го пуштија, бараа да се плати обесштетувањето од 750 милиони евра.
Една третина од анкетираните, поточно 33,6 проценти, сметаат дека ако Меси сака да си оди, не треба да му се прават пречки, и согласни се клубот да остане без својата икона. Има и такви (13,2 проценти) кои мислат дека заминувањето на Меси ќе ја олесни транзицијата во тимот.
Интересно е што дури 80 проценти од анкетираните сметаат дека Роналд Куман иако има прилично лоши резултати сезонава, треба да остане тренер и во следната сезона, а голем е бројот и на такви кои не сакаат Нејмар да се врати во Барселона ако тоа значи проблем за клупскиот буџет.