Ливерпул вечерва ќе го добие противникот во финалето од Лигата на шампиони. Ајакс или Тотенхем, ќе се знае по дуелот кој од 21 часот започнува на „Амстердам арена“. Домаќините имаат голема предност. Играат на домашен терен, но имаат и предност од 1:0 по мечот одигран во Лондон.
По синоќешната елиминација на Барселона, младите талентирани момци на Ајакс се единствени во Европа кои може да се надеваат на освојување на тројна круна. Ајакс веќе го освои Купот на Холандија, денеска ќе се бори за влез во финалето од ЛШ, а со ПСВ Ајндховен се во „мртва трка“ за шампионскиот трофеј во домашното првенство.
Во текот на сезонава, многу моќни екипи веруваа дека може да стигнат до „трипла“. Јувентус, Барселона, Реал Мадрид, ПСЖ, Манчестер сити, најавуваа дека ќе се борат за освојување на трофеите на сите фронтови каде што играат. Никој не ни помислуваше дека во овој период од годината, ќе може да се каже дека тоа може да му успее само на Ајакс.
Прва следна цел за некогашниот четирикратен европски првак е вечерва да ја сочува предноста против Тотенхем и да спречи англиско финале во елитнта лига на УЕФА.