Само Баерн собра албум со сите победи, Наполи и со пораз е прв пред Ливерпул, а во ЛШ продолжуваат и Ајнтрахт и Тотенхем (Видео)

Ајнтрахт Франкфурт и Тотенхем се екипите со број 13 и 14 што обезбедија настап во нокаут-фазата во Лигата на шампионите откако 12 веќе беа познати и пред стартот на последното шесто коло во циклусот по групи што завршува утре.

Во најизедначената Д група, освојувачот на Лигата на Европа, Ајнтрахт, и Тотенхем ги претркаа Спортинг и Марсеј во последните мечеви вечерва и тоа го сторија со пресврти.

Орлите од Франкфурт со пресврт го победија Спортинг со 2:1 и го освоија второто место во најдраматичната група од првата фаза во ЛШ.

И Тотенхем се врати од негатива, а голот на Мбемба во финишот на првото полувреме не му беше доволен на Марсеј за пат во нокаут-фазата во ЛШ.

Ленгле израмни во 54-тата минута, а Хојбјерг со гол во последната секунда од мечот донесе победа.

Тотенхем со 11 бода го освои првото место во групата, пред Ајнтрахт со 10 бода, а Марсеј испадна и нема да игра во Европа бидејќи трет е Спортинг, доволно за место во Лигата на Европа.

Ливерпул со головите на Мо Салах и на Дарвин Нуњес во финишот го победи Наполи и го спречи да заврши фаза по групи со максимални шест победи.

Сепак, Наполитанците се победници во групата бидејќи имаат подобар меѓусебен скор од Ливерпул во ситуација кога двете екипи завршија со по 15 бода.

Ајакс го победи Глазгов ренџерс со 3:1 и ќе игра во Лигата на Европа.

Единствен тим со максимални шест победи, и тоа две сезони по ред и три во последните четири е германскиот гигант Баерн.

Баварците ја прегазија групата Ц, а вечерва и Интер по вторпат со головите на Павард и на Чупо Мотинг.

И Интер продолжува во ЛШ, а Барселона со победа од 4:2 против Викторија П’лзењ вечерва го потврди учеството во Лигата на Европа.

Претходно од 18.45 часот Порто со победа од 2:1 против Атлетико Мадрид си го обезбеди првото место во Б групата, пред Бриж, кој исто така ќе продолжи во ЛШ, а Баер Леверкузен ќе се пресели во Лигата на Европа, додека Атлетико Мадрид е елиминиран.

Резултати и табели:

А група – Ливерпул – Наполи 2:0, Глазгов ренџерс – Ајакс 1:3.

Наполи и Ливерпул по 15 бода, Ајакс 6, Глазгов ренџерс без бодови.

Б група – Порто – Атлетико Мадрид 2:1, Баер Леверкузен – Бриж 0:0.

Порто 12 бода, Бриж 11, Баер и Атлетико по пет бода.

Ц група – Баерн – Интер 2:0, Викторија П’лзењ – Барселона 2:4.

Баерн 18 бода, Интер 10, Барселона 7, Викторија П’лзењ без бодови.

Д група – Марсеј – Тотенхем 1:2, Спортинг – Ајнтрахт 1:2.

Тотенхем 11, Ајнтрахт 10, Спортинг 7, Марсеј 6.

 

 

- Оглас -

Најнови вести