Само бод за Наполи на гостувањето кај Парма (Видео)

Наполи одигра реми 1-1 на гостувањето кај Парма во 32-то коло од Серија А, резултат што сериозно ја искомпликува нивната трка за титулата.

Со овој кикс, тимот предводен од Антонио Конте само делумно му се приближи на лидерот Интер, кој сега има предност од шест бода и вечерва го игра својот натпревар против Комо.

И покрај тоа што Наполи упати дури 20 удари кон голот, домаќините од само три обиди успеаја да стигнат до погодок и вреден бод.

Парма шокантно поведе уште во првата минута, по долга топка од голманот, Валан Жозеф Ејфеж со глава асистираше до Габриеле Стрефеца, кој откосо прецизно погоди за 1-0.

Наполи ја презеде иницијативата, додека Парма се повлече и успешно ја чуваше предноста речиси еден час. Сепак, притисокот се исплатеше во 60-тата минута, кога Расмус Хојлунд одлично проигра, а Скот Мектоминеј со прецизен удар од 15 метри израмни на 1-1.

До крајот, Наполи доминираше и постојано напаѓаше, но Парма се бранеше дисциплинирано. Резервистот Алисон Сантос имаше добра шанса во 78-та минута, но шутираше покрај голот.

Домашните можеа да стигнат и до ново водство во 82. минута, кога Мандела Кеита се најде во шанса, но неговиот удар одлично го одбрани Вања Милинковиќ-Савиќ.

Во финишот следеше вистинска опсада на голот на Парма, при што Алисон повторно беше закана, но без резултатска промена.

Со овој резултат, Наполи ја прекина победничката серија, а Интер вечерва има шанса да направи огромен чекор кон титулата – доколку го совлада Комо, ќе избега на недостижни девет бодови предност.

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас влезе во игра во 78-та минута на местото на Кевин де Бројне.

- Оглас -

Најнови вести