Само двајца тренери може да се пофалат дека од клупата ги надмудриле Гвардиола, Анчелоти, Мурињо и Симеоне

Францускиот Лил е тимот кој е едно од најпријатните изненадувања во Лигата на шампионите и досега освои шест бода. Не е толку чудно што Лил освои шест бода од три кола, туку тоа што победите ги оствари во дуелите со двата гиганти од Мадрид, Реал и Атлетико.

Лил прво на свој терен славеше над Реал со 1:0, а синоќа во Мадрид со 3:1 го победи Атлетико, и тоа во меч на којшто гостите беа во негатива. Со оваа победа, тренерот на Лил, Бруно Женезио, постигна еден неверојатен подвиг.

Тој е само вториот тренер кој може да се пофали дека има победи кога на клупата на ривалите седеле стратези како што се Пеп Гвардиола, Карло Анчелоти, Жозе Мурињо и Диего Симеоне. Досега само Јирген Клоп можеше да се пофали дека има победи над тие четири тренерски генијалци, а сега рамо до рамо со Германецот е и Женезио.

Клоп многу повеќе шанси имал да се надмудрува со големите тренерски ривали. Против Гвардиола може да се пофали со 11 победи, осум нерешени, а има и осум порази. Клоп против Мурињо има седум победи, четири ремија и само два порази, а во дуелите со Анчелоти е со негативен биланс од три победи, три ремија и седум порази. Кога се работи за дуелите против Симеоне, Клоп има две победи и два пораза.

- Оглас -

Најнови вести