Само еден домаќин сезонава не примил гол од Ајакс во ЛШ

Ајакс вчера го совлада Тотенхем среде Лондон со минимални 1-0 и направи голем чекор кон пласман во големото финале од Лигата на шампионите. Копјаниците ги повторија одличните игри против Реал Мадрид и Јувентус, па така славеа и пред навивачите на „петлите“, а воедно ја продолжија ефикасноста надвор од дома.

Ајакс сезонава во најелитното европско натпреварување постигна барем по еден погодок на сите гостувања, освен во Киев против Динамо. Тоа беше во рамки од плејофот за пласман во групната фаза, а откако Ајакс триумфираше на домашен терен со 3-1, во возвратниот дуел одиграа без голови.

Во групата Е, Ајакс запиша еден гол на „Алијанц арена“ против Баерн Минхен во ремито од 1-1, а идентичен резултат издвои и на гостувањето во Лисабон кај Бенфика. Во Атина, против АЕК постигнаа два гола, додека во реваншот од осминанфиналето против Реал Мадрид славеа со огромни 4-1. Во Торино против Јувентус се радуваа на победа од 2-1, а вчера во Лондон доволни за радост беа и минималните 1-0.

Воедно, до пласманот во полуфиналето, Ајакс загуби само еден меч, тоа е поразот од Реал Мадрид со 1-2 на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам.

Реваншот против Тотенхем е закажан за 8 мај, а Ајакс ќе има шанса да се пласира во финалето и да се бори за престижниот пехар за првпат по сезоната 1995/96, кога загуби од Јувентус на пенали со 4-2, откако резултатот во 120 минути беше 1-1.

 

- Оглас -

Најнови вести