Јапонецот Кеисуке Хонда со голот што го постигна во бразилското првенство стана првиот фудбалер во историјата што може да се фали дека во официјални натпревари постигнувал голови на пет различни континенти. Како што веќе објавивме, Хонда на мечот во Бразил, на кој го постигна својот дебитантски гол за Ботагофо, си размени дрес со Хуан Фелипе, некогашниот играч на Вардар и Шкендија.
За Хонда ова беше стоти гол во кариерата, а го даде од пенал.
Додека на многу играчи им треба време за адаптација кога одат во нова земја или континент, за Хонда тоа не важи. Човекот каде и да игра, се прилагодува и дава голови. Во Европа, Хонда играше и даваше голови за Милан, ЦСКА Москва, ВВВ Венло, кратко беше и во Витесе, во Америка играше за мексиканскиот клуб Пачука, во Азија за Нагоја, во Австралија и Океанија за Мелбурн виктори, а во Африка има дадено гол како член на јапонската репрезентација, на Мундијалот во 2010 година.