Само еден клуб сезонава ги има победено сите четири финалисти во ЛШ и ЛЕ

Англиските екипи направија историски подвиг бидејќи во финалето на Лигата на шампионите и на завршниот меч во Лигата на Европа ќе има екипи само од Премиер лигата. Ливерпул и Тотенхем ќе се борат за тоа кој ќе биде најдобар клуб во Европа, додека лондонските ривали Челзи и Арсенал ќе играат во финалето на второто по ранг натпреварување на УЕФА, Лигата на Европа.

Сите овие четири екипи се дел од топ 5 на табелата во Премиер лигата. Единствено лидерот Манчестер сити го нема во комбинација, како и најтрофејниот англиски клуб Манчестер јунајтед.

Тоа што е заедничко за сите четворица финалисти е дека сите имаат претрпено пораз од еден клуб. Тоа е екипата на Вулверхемптон. Не се работи за клуб кој е во самата елита во Англија, но со игрите сезонава покажаа дека не се плашат од ниту еден противник.

Ливерпул загуби од Вулверхемптон на гостувањето во ФА купот на 7 јануари оваа година, додека Тотенхем дома беше поразен од „волците“, и тоа со 1-3, на меч одигран на 28-ми декември. Вулверхемптон со 3-1 победи и против Арсенал, но на свој терен и тоа пред помалку од еден месец во дуел од Премиер лигата. Челзи беше поразен од Вулверхемптон на 5 декември во меч од домашното првенство. Лондончани на гости загубија со 2-1.

Токму Вулверхемптон е противникот на Ливерпул во последното коло од Премиер лигата, кога ќе се знае дали Сити или Ливерпул ќе се радува на шампионскиот пехар во Англија.

 

- Оглас -

Најнови вести