Само еден тим бил поголем малер од Ливерпул – цела сезона без пораз, но и без титула!

Навивачите на Ливерпул се научени на разочарување, кога се работи за титулата во Англија. Фановите од „Енфилд Роуд“ веќе три децении сонуваат, но никако да им стане јаве, нивниот клуб да стане првак во Премиер лигата. Сезонава е посебно болно искуство за нив.

Ливерпул имаше одлична сезона и заврши со 97 освоени бодови, но не е првак, затоа што Манчестер сити освои 98 бодови и на тој начин го одбрани тронот. Избраниците на менаџерот Јирген Клоп денеска на „Енфилд Роуд“ си ја завршија работата и победија со 2:0 против Вулверхемптон, но тоа не беше доволно, бидејќи и Сити триумфално помина кај Брајтон. За „граѓаните“ тоа беше шампионска победа.

Освен што е прв клуб кој освоил 97 бодови, а не станал првак, Ливепул е еден од ретките во Топ 5 лигите кој во текот на целата сезона имал само еден пораз, а на крајот не се радувал на трофејот. Тоа по еднаш се случило и во Италија и Шпанија.

Во сезоната 1976/77 во Серија А, Торино имаше само еден пораз и освои 50 бодови, но Јувентус беше првак со 51 бод и два порази во текот на целата сезона. Во шпанската Примера, во сезоната 1979/80, Реал Сосиедад загуби само еднаш, но на крајот заврши на второто место со 52 бодови, еден помалку од шампионот Реал Мадрид. Ливерпул сега е трет ваков пример во Топ 5 лигите во Европа.

Сепак, ма и поголеми трагичари од Ливерпул, Сосиедад и Торино, а тоа е Перуџа. Во сезоната 1978/79, за прв и засега единствен пат се случи еден тим да нема ниту еден пораз, а да не биде првак. Перуџа во таа сезона во Серија А заврши со 11 победи, ниту еден пораз, но и дури 19 нерешени средби во 30 кола. Поради многуте нерешени дуели, Перуџа на крајот заврши на второто место, зад Милан, кој се радуваше на трофејот со 17 победи, 10 реми и три порази. Милан имаше 44 бодови, а Перуџа освои вкупно 41 бод. Во тој период, во првенствата, за победа се доделуваа два бода, а ремито беше еден бод.

- Оглас -

Најнови вести