3.8 C
Skopje
сабота, 15 ноември 2025

Само една голема непознаница има на дуелот меѓу Шкупи и Шкендија

Додека во ек се подготовките на македонската репрезентација за фудбалскиот дуел против Велс во Кардиф, денеска од 13 часот ќе се одигра заостанат меч од 12. коло на Прва лига.

Шкупи како домаќин во Струга ќе ја пречека Шкендија, а улогата на апсолутен фаворит му припаѓа на гостинот. Некогашниот првак Шкупи е во незавидна ситуација и со само еден бод во досега одиграните 12 средби. Дури 34 погодоци прими Шкупи сезонава што е речиси три гола по меч.

За разлика од нив, Шкендија во просек постигнува нешто повеќе од два гола по меч. Се очекува тетовци лесно и без поголеми проблеми да ги освои трите бода на овој дуел, со што би стигнале до вкупно 30 бодови и би фатиле приклучок со лидерот Вардар кој има 33 бодови и Струга ТЛ кој е со 32 бодови.

На последните два меча на овие два ривали имало по шест голови. На почетокот на оваа сезона Шкендија дома победи со 5:1, а на крајот од ланската сезона резултатот беше 3:3 на дуелот одигран во Чаир.

Според актуелната состојба на табелата и играчките состави со кои располагаат двата тима, единствена непознаница е само со колку разлика Шкендија ќе победи денеска против Шкупи.

- Оглас -

Најнови вести