Партизан против Црвена ѕвезда попладнево, по 163-ти пат ќе играат во големото белградско фудбалско дерби. Секој дуел на овие гоеми ривали е посебен, но овој ќе се памти. За прв пат Партизан ќе биде домаќин на дербито, а да нема публика на трибините.
Пандемијата со Коронавирусот и зголемениот број на заразени во Србија е единствена причина зошто ќе нема публика денеска. Ако се погледне низ историјата, досега претходно само еднаш имало дерби без публика и тоа се играло на стадионот на Црвена ѕвезда.
Се случи тоа во март 2008 година кога на првенствениот дуел меѓу Ѕвезда и Хајдук Кула, домаќните навивачи дивееја. Делиите нападнаа полицаец кој беше во цивилка и буквално го пржеа со факели по телото. Полицаецот едвај се спаси, а настанаа големи нереди на трибините.
Поради тоа, Црвена ѕвезда беше казнета со еден меч играње без публика, а следен домашен дуел беше токму тој против Партизан. Без публика на трибините, Ѕвезда победи убедливо со 4:1, но таа сезона на крајот Партизан стана првак.