Ракометната репрезентација на Македонија и 15-та година по ред ќе учествува на големо натпреварување, а во случајов ќе настапи на Европското првенство во јануари следната година кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска.
Македонија од Европското првенство во 2012 година не пропушти ниту едно големо натпреварување, а само на неколку европски селекции им успеало ваков подвиг. Само шест европски селекции учествуваа на сите Европски и Светски првенства од 2012 до сега, а освен Македонија, во ова друштво се и гигантите Франција, Данска, Шпанија, Хрватска и Исланд.
Она што ни недостасува е учество на Олимписките игри, а Европското во 2026 и Светското во 2027 година се квалификациски за Олимпијадата во 2028 година, па може само да посакаме оваа генерација да нѐ израдува со она во кое не успеа ниту генерација на сегашниот селектор, Кирил Лазаров.