9.8 C
Skopje
среда, 19 ноември 2025

Македонија само со еден од четирите можни ривали во баражот има позитивен биланс

Македонската фудбалска репрезентација утре ќе го добие противникот во баражот за пласман на Светското првенство 2026. Нашата репрезентација ќе биде во подредена положба, односно ќе биде дел од последниот четврти барабан, каде што се селкциите кои во баражот влегуваат како победници во Лигата на нациите.

Ривал ќе ни биде една од репрезентациите кои се во првиот барабан и сигурно ќе играме на гостински терен. Четири опции има за противник на Македонија, а тоа се: Италија, Данска, Турција и Украина.

Сите овие селекции низ историјата ѝ биле ривали на Македонија и реално кој и да биде противникот, нашата селекција ќе биде во улога на аутсајдер. Сепак, тоа не значи дека Македонија не може да победи, како што беше чудото во Палермо од пред три и пол години, кога славевме над Италија.

Токму таа победа над Италија е и наш единствен триумф над четирикратниот светски првак. Во дуелите со Аѕурите имаме и две ремија и два порази со гол-разлика од седум дадени и 10 примени гола.

Данска е единствениот ривал против кого може да кажеме имаме позитивен биланс. Во трите меѓусебни дуели имаме една победа, едно реми и еден пораз. Со оваа селекција се сретнавме во првите квалификации за Македонија. Во далечната 1994 година, дома одигравме 1:1, а следната година загубивме на гости со 1:0. Во февруари 2013 година во Скопје одигравме пријателски меч против Данска и победивме 3:0, па имаме позитивна вкупна гол-разлика од 4:2.

Турција е ривал против кого сме играле осум меча и имаме само една победа, две ремија и пет порази, со гол-разлика од девет дадени и дури 14 примени гола.

Украина е ривал кој не ни лежи според играта, а тоа го покажува и билансот од досегашните средби. Во седум меча Македонија има само една победа, едно реми и пет порази, со негативна гол-разлика 4:10.

 

- Оглас -

Најнови вести