Освоениот „Комјунити шилд“ во Англија со екипата на Манчестер сити, е вкупно 28-ми трофеј во тренерската кариера на шпанскиот стручњак Хосеп Гвардиола.
Со бројка од освоени 28 пехари, тој во моментов е на четврто место на вечната листа на најуспешни фудбалски тренери, но за разлика од тие тројца што се пред него и работеле четири децении, Гвардиола тренерската функција ја извршува само 11 години. Тој во просек зема трофеј после секои 21 одиграни официјални натпревари, што е фантастичен просек.
Убедливо најуспешен тренер во историјата е шкотската легенда Алекс Фергусон, кој за 39 години кариера, освои 49 пехари. Второто место го држи Романецот Мирчеа Луческу, кој за 40 години има освоено 33 пехари. Пред Гвардиола е само уште Украинецот Валериј Лобановски. Тој за 42 години работа, освои 29 трофеи.
Гвардиола до крајот на сезонава може да го надмине Лобановски кој најголем дел од пехарите ги освои како тренер на Динамо Киев. Доколку продолжи со овој ритам да освојува трофеи, Гвардиола има реална можност да го престигне Фергусон и да биде првиот тренер во историјата со 50 титули во разни натпреварувања.