Само Вардар го освои „Шукру Сарачоглу“ на последните 13 европски дуели

Скопски Вардар е единствениот клуб што победил на „Шукру Сарачоглу“ во Истанбул на последните 13 меча на Фенербахче во европските купови. Со головите на Џаба Џигаури и на Никола Глигоров, „црвено-црните“ на 24. август пред две години го нокаутираа турскиот гигант и забележаа историски успех, како прв македонски клуб што се пробил до фаза по групи во европските купови.

Фенербахче моментно се мачи на домашен план и бие битка за опстанок во турското првенство, но е непобедлив на домашен терен во европските купови, кога се работи за фаза по групи, или нокаут фаза.

Елиф Елмас и соиграчите го сопреа и руски Зенит во 12. меч едноподруго без пораз на домашен терен во фаза по групи, или во нокаут фаза во Европа. Турскиот гигант славеше со 1:0 и сега во серијата од 12 натпревари има дури 9 победи на „Шукру Сарачоглу“ и само три нерешени.

Дуелот со Вардар беше дел од квалификациите, односно во плејофот за влез во групи во Европа Лигата. Македонскиот првак тогаш приреди првокласна сензација во Истанбул и славеше со 2:1, за да ја запечати историската епизода и со вкупен резултат од 4:1 да стане првиот македонски тим што играл во фаза по групи во еврокуповите.

Претходно и потоа Фенербахче има 12 меча без пораз на својот стадион, а вчера беше надигран и победен и Зенит.

- Оглас -

Најнови вести