Новак Ѓоковиќ вчера стигна до јубилејниот 40-ти триумф на АТП Мастерс турнирите откако беше најдобар во Париз. Во финалет, Ѓоковиќ без многу мака славеше над Бугаринот Григор Димитров. Со таа победа дојде само на еден чекор од остварување на последната мисија за 2023 година, а тоа е да ја заврши сезоната на првото место на АТП-листата.
Србинот има 1.490 бода повеќе од второпласираниот Карлос Алкарас, а до крајот на сезоната останува да се одигра само уште завршниот Мастерс, кој носи освојување на максимални 1.500 бодови.
Тоа значи дека само теорија постои Шпанецот да го надмне Ѓоковиќ до крајот на годината, а сценариото е само едно. Алкарас треба да ги добие трите меча во групната фаза на завршниот Мастерс, а потоа да победи во полуфиналето и финалето, додека Новак мора да ги загуби сите три дуела од групната фаза.
Едноставно, на Ѓоковиќ доволно му е само уште една победа во групната фаза за да има доволно бодови на крајот од сезоната да биде лидер во светски рамки. Ако Ѓоковиќ успее да заврши како прв на АТП-листата, тоа ќе биде рекордна осма година во која Србинот завршува како најдобар, нешто што не му успеало на ниту еден друг играч во историјата.
Завршниот Мастерс-турнир ќе се игра во Торино од 13 до 20 ноември, а покрај првите двајца на АТП-листата, ќе играат и Данил Медведев, Јаник Синер, Андреј Рубљов, Стефанос Циципас, Александер Зверев и Холгер Руне.