Екипата на Шарлот го одигра првиот свој официјален натпревар во американската МЛС лига. Но, овој тим не успеа да победи во мечот со Лос Анџелес галакси, бидејќи гостите беа тие на крајот што се радуваа на триумф од 0:1.
Шарлот во својот прв меч пред фановите постави историја во американскиот „сокер“, бидејќи на „Банк оф Америка“ стадионот беа присутни 74.479 навивачи што претставува најголем број во историјата на овој спорт во САД.
Атмосферата пред и за време на натпреварот беше одлична, а домашните фанови се погрижија да вметнат и европски шмек во навивањето, со правење на одличен транспарент пред почетниот удар.
Новоформираниот тим има проблеми на стартот од сезоната и има два порази од исто толку средби, а на средбата со галакси, „погубен“ за Шарлот беше голот на Ефрен Алварез во 77-та минута.